Правата (надоместоците) од социјалното осигурување во Република Северна Македонија се класифицираат врз основа на нивната припадност во поединечните гранки од системот на социјалното осигурување. Такви гранки се: здравственото осигурување, пензиско-инвалидското осигурување и осигурувањето во случај на невработеност.
Во системот на задолжително здравствено осигурување, осигурените лица се стекнуваат со две категории права: здравствена заштита (основни здравствени услуги) и парични надоместоци (надоместок на плата и надоместок на патни трошоци).
Во системот на задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, осигурениците се стекнуваат со повеќе различни права. Основните права што најчесто се остваруваат во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување се правата на:
Старосна пензија
Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наврши 64-годишна возраст (маж), односно 62-годишна возраст (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.
Основицата за утврдување на пензијата (т. е. пензиска основица) е месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, вклучувајќи ги и надоместоците на плати, односно паричните надоместоци во случај на невработеност. За утврдување на пензиската основица се зема просечната месечна плата што осигуреникот ја остварил со полно работно време. Платата што е остварена со работа подолга или пократка од полното работно време се пресметува на просечниот месечен износ што одговара на платата за полното работно време. Висината на старосната пензија се определува според прописите за пензиско и инвалидско осигурување.
Права врз основа на инвалидност
Инвалидноста, како социјален ризик (осигурен случај) во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, постои кога кај осигуреникот, поради промена во здравствената состојба што не може да се отстрани со лекување или со медицинска рехабилитација, работната способност е трајно намалена за повеќе од половина во споредба со физички и психички здрав осигуреник со исто или со слично образование и способност.
Трајното намалување на работната способност може да настане како резултат на болест или повреда надвор од работното место или повреда на работното место и професионална болест, и тоа може да биде различно во зависност од последиците од повредата или болеста. Доколку работната способност на осигуреникот е намалена за повеќе од 80 %, постои општа неспособност за работа, а доколку таа е намалена за повеќе од 50 %, а најмногу до 80 %, постои професионална неспособност за работа.
Доколку кај осигуреникот настапи инвалидност (намалување на работната способност за 50 %), а поради тоа не може да ги извршува работните задачи со полно работно време, осигуреникот има право да работи со скратено работно време или да биде распределен на друга соодветна работа.
Основни права на осигуреникот што произлегуваат од професионалната и/или општата неспособност за работа се: правото на професионална рехабилитација и правото на инвалидска пензија.
Паричен надоместок за телесно оштетување
Телесното оштетување е таков вид социјален ризик (осигурен случај) што постои кога кај осигуреникот ќе настане загубување, посуштествено оштетување или позначителна онеспособеност на одделни органи или делови од телото што ја отежнува нормалната активност на организмот и бара поголем напор во остварувањето на животните потреби, без оглед на тоа дали причинува или не причинува инвалидност.
Осигуреникот кај кого ќе настане телесно оштетување за време на траењето на осигурување се стекнува со право на паричен надоместок за телесно оштетување под истите услови во поглед на пензискиот стаж под кои се здобива со правото на инвалидска пензија.
Висината на паричниот надоместок за телесно оштетување се определува според прописите за пензиско и инвалидско осигурување.
Семејна пензија
Семејната пензија е право од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување со кое се осигурува социјалниот ризик (осигурениот случај) смрт на осигуреникот.
Семејна пензија може да остварат членовите на семејството на осигуреникот:
Стекнувањето на правото на семејна пензија на членовите на семејството зависи од исполнувањето определени услови од страна на умрениот осигуреник. Таквите услови претпоставуваат:
Ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работното место или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигуреникот.
Висината на семејната пензија се определува според прописите за пензиско и инвалидско осигурување.
Во рамките на системот на осигурување во случај на невработеност во Република Македонија, осигурениците може да остварат права на:
1) паричен надоместок;
2) подготовка за вработување (обука, преквалификација или доквалификација);
3) здравствена заштита;
4) пензиско и инвалидско осигурување во определени случаи;
5) вработување инвалидни лица со поволни услови во согласност со закон.
Основно право од осигурување во случај на невработеност е правото на паричен надоместок за осигурување во случај на невработеност.
Паричен надоместок за осигурување во случај на невработеност
Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос (и за кое е уплатуван придонес за осигурување во случај на невработеност) најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.
Правото на паричен надоместок за осигурување во случај на невработеност не може да се оствари во кој било случај на престанок на работен однос по кој лицето станало невработено. Осигурениците нема да се стекнат со ова право во случаите во кои работниот однос не им престанал по нивна волја (на пример: работникот/осигуреникот дава писмена изјава дека сака да му престане работниот однос, спогодбено престанување на работниот однос и друго) или вина (на пример: неоправдано изостанување од работа последователно три работни дена или пет работни дена со прекин во текот на една година или добивање отказ од страна на работодавачот поради кршење на работната дисциплина и друго). Тие нема да го остварат правото на паричен надоместок за осигурување во случај на невработеност и во други случаи што се предвидени со закон (на пример: поради престанок на работниот однос по сила на закон; одбивање обука, преквалификација или доквалификација за друго работно место кај ист или друг работодавач; исполнување услови за остварување старосна пензија и друго).
Времетраењето на исплаќањето на паричниот надоместок за невработеност зависи од времето за кое невработеното лице било осигурено во случај на невработеност. Вообичаено, паричниот надоместок се исплаќа за период од најмалку еден месец (доколку осигуреникот има минимален стаж на осигурување во период од девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци) до најмногу 12 месеци (доколку осигуреникот има максимален стаж на осигурување над 25 години). Прописите за осигурување во случај на невработеност предвидуваат и одредени исклучоци, во кои паричниот надоместок за невработеност може да се оствари и во период подолг од 12 месеци.
Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност изнесува 50 % од просечната месечна нето-плата на работникот за последните 24 месеци (за лица што имаат право на паричен надоместок до 12 месеци) или 50 % од просечната месечна нето-плата на работникот за последните 24 месеци и 40 % од просечната месечна нето-плата за преостанатото време (за лица што имаат право на паричен надоместок подолго од 12 месеци).
Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот
Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот
Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.