Престанок на работен однос

Мој труд.
Мои права.

Престанок
на работен
однос

Престанокот на работниот однос (договорот за вработување) опфаќа неколку последователни дејствија, како што се: настапувањето на некој од начините, т. е. правните основи за престанок на работниот однос (на пример, исполнување основана причина за откажување на договорот за вработување на работникот), донесувањето одлука за престанок на работниот однос (на пример, одлука за отказ на договорот за вработување) и извршувањето на таа одлука (на пример, истекување на отказниот рок по кој на работникот и фактички му престанува работниот однос кај работодавачот).

Македонското работно законодавство предвидува повеќе различни начини на престанување на важноста на договорот за вработување. Такви се:

  • Со изминување на времето за кое бил склучен договорот за вработување
  • Со смрт на работникот или работодавачот (физичко лице)
  • Поради престанување на работодавачот согласно закон
  • Со спогодбено раскинување на договорот за вработување
  • Со отказ
  • Со судска пресуда
  • Во други случаи утврдени со закон

Отказот претставува „едностран акт“ на работодавачот или на работникот со кој се откажува договорот за вработување. Договорот за вработување може да го откаже работникот, но и работодавачот. Работникот може да го откаже договорот за вработување ако писмено изјави дека сака да го откаже договорот за вработување. За него (како „послаба“ страна во работниот однос) не се бара образложување на причините поради кои сака да го откаже договорот за вработување. Во трудовото право и во секојдневниот живот, од посебно значење е откажувањето на договорот за вработување од страна на работодавачот и, следствено на тоа, заштитата на работниците од незаконски (неоснован) отказ.

Заштитата на работниците од незаконски отказ зависи од исполнувањето на две клучни претпоставки, а тоа се: постоењето или непостоењето основана причина за отказ на договорот за вработување од страна на работодавачот и исполнување или неисполнување определени претходни дејства. Доколку во конкретен случај не постои основана причина за отказ на договорот и/или не се исполнети задолжителните дејства што му претходат на отказот, тогаш отказот може да биде прогласен за незаконски и да биде поништен. Спротивно, доколку во конкретен случај постои основана причина за отказ на договорот и се исполнети задолжителните дејства што му претходат на отказот, тогаш отказот ќе биде законски и допуштен.

Основани причини за отказ на договорот за вработување

Основани причини за отказ на договорот за вработување се:

Лични причини (кога работникот поради своето однесување, недостиг на знаења или можности или поради неисполнување на посебните услови определени со закон не е способен да ги извршува договорните или други обврски од работниот однос);

Причина на вина (кога работникот ги крши договорните обврски или други обврски од работниот однос) и

Деловни причини (кога ќе престане потребата од вршење одредена работа под условите наведени во договорот за вработување поради економски, организациски, технолошки, структурни или слични причини од страна на работодавачот).

Законот за работните односи ги „дозволува“ основаните причини, но ги „забранува“ неоснованите причини за отказ на договорот за вработување. Неосновани причини за откажување на договорот за вработување се: членство на работникот во синдикат или учество во синдикални активности во согласност со закон и со колективен договор; поднесување тужба или учество во постапка против работодавачот; одобрено отсуство поради болест или повреди, бременост, раѓање и родителство, нега на член на семејството и неплатено родителско отсуство; користење на одобрено отсуство од работа и годишен одмор; отслужување или дослужување воен рок или воена вежба и други случаи на мирување на договорот за вработување утврдени со закон.

Задолжителни дејства што му претходат на отказот

Задолжителни дејства што му претходат на отказот се:

  • Во случај на лични причини од страна на работникот (обезбедување на потребните услови за работа, давање соодветни упатства, насоки и писмено предупредување од работодавачот со кое работодавачот му укажува на работникот дека не е задоволен од начинот на неговото работење давајќи му дополнителен рок што не може да биде пократок од 15 дена за да го подобри своето работење);
  • Во случај на причини на вина што претпоставуваат полесни повреди на работниот ред и дисциплина или работните обврски од страна на работникот и што може да се санкционираат со отказ што има отказен рок (писмено предупредување со кое работодавачот го предупредува работникот за можноста од отказ во случај на понатамошно кршење на обврските од договорот за вработување или, пак, изрекување парична казна);
  • Во случај на деловни причини (утврдување на постоење можности кај работодавачот за продолжување на работниот однос на работникот пред откажување на договорот за вработување, како што се: понуда за вработување кај друг работодавач без огласување, со преземање и склучување договор за вработување за работи што се соодветни на квалификациите на работникот; обезбедување стручно оспособување, преквалификација или доквалификација или понуда за нов договор за вработување);
  • Определување отказен рок (во случаите кога причините за отказ се такви за кои е задолжително постоењето отказен рок) или паричен надоместок наместо отказен рок (кога таквиот надоместок е договорен). Законот за работните односи го утврдува траењето на минималните отказни рокови. Доколку работодавачот го откажува договорот за вработување на поединечен работник или на помал број работници, отказниот рок е еден месец. Отказниот рок изнесува два месеци во случај на престанок на работниот однос на повеќе од 150 работници или 5 % од вкупниот број работници кај работодавачот;
  • Плаќање испратнина, т. е. отпремнина, која претставува еднократен паричен надоместок на работникот во случај на отказ поради деловни причини (технолошки, економски, организациски и слични промени). Висината на испратнината изнесува од една до седум нето-плати и таа се определува во зависност од годините поминати во работен однос кај ист работодавач (вклучувајќи го и претходниот работодавач, на кој поради настаната статусна промена, правен следбеник е последниот работодавач).

Работникот што смета дека отказот на неговиот договор за вработување е незаконски (недопуштен) има право да поведе постапка за поништување на одлуката за откажување на договорот за вработување и да бара враќање на работното место и/или остварување на правото на надоместок на штета од страна на работодавачот. Ваквата заштита на своите права работникот ја остварува во постапка што опфаќа две инстанци (најпрво пред работодавачот, а потоа и пред надлежниот суд), во согласност со применливите прописи (пред сè, Законот за работните односи и Законот за парнична постапка).

Share

Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот

partners1

Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Share

Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот

partners1

Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.