Плата

Мој труд.
Мои права.

Плата

Работникот има право на заработувачка – плата согласно закон, колективен договор и договорот за вработување. Регулирањето на платите со законски прописи е ограничено на неколку сфери, какви што се: плаќањето и висината на минималната плата (регулирана со Законот за минимална плата) и општите правила за уредување на структурата и составот на платите, како и условите и гаранциите за исплаќање на платите (регулирани со Законот за работните односи). Главен извор за договарање на различните аспекти од плаќањето на работниците се колективните договори, додека, пак, договорите за вработување имаат супсидијарно значење. И покрај тоа што Законот за работните односи експлицитно не ги наведува како правни извори со кои може да се регулираат платите, во практиката, платите честопати се уредуваат или се доуредуваат и со Правилници или Одлуки за плати.

Системот и структурата на утврдување на плаќањето на работниците со колективни договори начелно произлегува од Општите колективни договори, кои воспоставуваат унифицирана формула за определување на платите, која понатаму ја следат Посебните и Поединечните колективни договори. Според формулата, платата се добива со множење на износот на најниската плата (т.н. пресметковна вредност за единица коефициент), која се утврдува со колективен договор на ниво на гранка, односно оддел, односно на ниво на работодавач, со коефициентот на сложеност на работното место на кое работи работникот според договорот за вработување.

Законот за работните односи и колективните договори определуваат три главни компоненти од кои се составени платите: основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоци на плата. Покрај нив, значајни компоненти што ја сочинуваат платата се и: надоместоците на трошоците поврзани со работата и останатите видови надоместоци.

Кон наведените компоненти што ја сочинуваат композицијата на платите треба да се додадат и надоместоците што се исплаќаат за времето во кое работникот отсуствува од работа во случаите и во траење определени со закон и со колективен договор (т.н. „надоместоци на плата“).

Основна плата

Основната плата (основната најниска плата) е платата за која работат работниците. Таа е главна компонента во составот на платите на работниците. Основната плата се определува земајќи ги предвид барањата на работното место, за кое работникот го склучил договорот за вработување. Таа соодветствува со сложеноста на работните задачи што ги врши работникот и вообичаено се утврдува како резултат на редовната работа остварена за полно работно време и нормален работен учинок.

 

Дел од плата за работна успешност

Работната успешност го сочинува оној дел од платата на работникот што се состои од стимулативно наградување на работникот поради зголемен индивидуален придонес и залагање, односно за постигнати поголеми резултати во работењето. Критериуми за утврдување на делот од плата за работна успешност што се определени со Законот се: домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата за која работникот го склучил договорот за вработување. Овие критериуми може да се прошират со колективен договор, акт на работодавач или договор за вработување.

Додатоци на плата

Додатоците на плата претставуваат парични надоместоци што ја зголемуваат основната плата на работникот поради работа во посебни (потешки) услови, т. е. во услови што се различни од вообичаените, нормалните услови за работа.

Работното законодавство и колективните договори предвидуваат додатоци на плата на работниците за посебни услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време. Општите колективни договори ги определуваат минималните износи на додатоците на плата за одреден процентуален износ пресметан според часови во следните случаи: за прекувремена работа 35 %; за работа ноќе 35 %; за работа во три смени 5 %; за работа во ден на неделен одмор 50 % и за работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон во вредност од редовната дневница/саатнина на работникот и дневницата/саатнината за поминатите часови на работа зголемена за 50 %. Со посебните и поединечните колективни договори може да се утврдат и поповолни износи за плаќање на додатоците на плата предвидени со ОКД, а може да се предвидат и други додатоци на плата. Покрај претходно наведените додатоци, ЗРО и колективните договори го предвидуваат и додатокот за работен стаж во износ од 0,5 % од основната плата за секоја година работен стаж. Додатоци на плата (т. е. зголемување на основната плата) може да им се исплатат на работниците и во оние случаи кога работата се врши во услови потешки од нормалните (на пример: кога работникот е изложен на неповолни влијанија од околината, кога работникот употребува заштитни средства за работа, кога работникот е изложен на посебни опасности и слично).

Надоместоци на трошоците поврзани со работата

Надоместоците на трошоците поврзани со работата вообичаено се исплаќаат во следните случаи: за службени патувања во земјата; за службени патувања во странство; за теренски додаток; за надоместок за одвоен живот од семејството; за трошоци за користење сопствен автомобил за потреби на работодавачот. Значајни надоместоци што може да се вметнат во оваа група се и надоместоците на трошоците за храна и пат. Начелно, колективните договори им оставаат можност на работодавачите да ги исплаќаат овие надоместоци или во натура (со организација на исхраната за време на работата и организиран превоз од и до работното место) или парично. Износите според кои се пресметуваат и се плаќаат надоместоците на трошоците поврзани со работата се уредуваат со колективен договор, а како основица за нивното пресметување и исплаќање вообичаено се зема просечната месечна нето-плата по работник во земјата исплатена во последните три месеци.

Други видови надоместоци

Надоместоците што припаѓаат во оваа група се различни според својата природа. Дел од нив се третираат како помош наменета за работникот или за членовите на неговото семејство. Такви се надоместоците што се исплаќаат во случаите: непрекинато боледување подолго од 6 месеци поради повреда на работа и професионално заболување; во случај на смрт на работникот; во случај на смрт на член од семејството на работникот, со кого работникот живее во иста семејна заедница и во случај на потешки последици од елементарни непогоди.

 

Друг дел од останатите надоместоци може да се третираат како надоместоци поврзани со работниот стаж на работникот кај работодавачот. Такви се надоместоците што се исплаќаат во случаите на јубилејна награда и пензионирање. Третиот дел од останатите надоместоци може да се третираат како наменски надоместоци што се исплаќаат за одредени поводи или во одредени периоди од годината, во кои се смета дека работниците имаат зголемени потрошувачки трошоци. Најважен надоместок во овој дел е т.н. регрес за годишен одмор. Регресот се исплаќа еднаш годишно за деновите што работникот ги поминува на годишен одмор и вообичаено во висина од најмалку 40 % од основицата. Покрај регресот за годишен одмор, колективните договори вообичаено предвидуваат и исплаќање т.н. новогодишен надоместок.

Надоместоци за платено отсуство од работа (надоместоци на плата)

Надоместоците на плата се исплаќаат за временскиот период (деновите, односно часовите) за кој работникот користи платено отсуство од работа во согласност со закон, колективен договор или договор за вработување. На работниците им следува надоместок на плата во следните случаи: за боледување, т. е. привремена неспособност за работа (според ОКД, за боледување до 15 дена во висина од 70 %, а над 15 дена, почнувајќи од првиот ден на боледувањето, до 30 дена во висина од 90 % од основицата и на трошок на работодавачот, додека, пак, надоместокот на плата над 30 дена се исплаќа на товар на Фондот за здравствено осигурување); за деновите за користење годишен одмор (во висина на основицата); за време на деновите на платен вонреден одмор, т. е. платено отсуство поради лични и семејни околности до 7 работни дена во текот на годината (во висина на основицата); за празници и неработни денови утврдени со закон или друг пропис и за слободни денови од работа (во висина на основицата); за образование и стручно оспособување согласно потребите на работодавачот (во висина на основицата) и сл. Основица за пресметување на надоместокот на плата во претходните случаи е просечната плата на работникот од последните 12 месеци.

Колективните договори предвидуваат пресметување и исплаќање надоместок на плата и во други случаи, какви што се: прекин на работниот процес поради причини од страна на работодавачот, штрајк и сл.

Писмената пресметка на платата во Република Северна Македонија претставува обврска на работодавачите регулирана со Законот за работните односи.

Работодавачите имаат обврска да им издадат писмена пресметка на работниците при секое исплаќање на платата (вообичаено еднаш месечно), како и до 31 јануари во новата календарска година (еднаш годишно, за претходната календарска година).

Од писмената пресметка на платата треба да се видат пресметката и плаќањето на даноците и придонесите за исплатниот период.

Преку писмената пресметка на платата, работниците може да ги разграничат нивната „бруто“ и „нето“ плата.

Бруто-плата

Бруто-плата е вкупната плата што ја остварува работникот од работниот однос. Сепак, како таква, работникот не може да ја стави бруто-платата „во џеб“, односно да ја добие на неговата трансакциска сметка. Всушност, таа се состои од плата во вкупен износ намалена за вкупниот износ на придонесите за социјално осигурување и данокот на доход од работа.

Вкупниот износ на придонесите за социјално осигурување ги опфаќа придонесите за: пензиско и инвалидско осигурување – ПИОМ, во износ од 18,8 % од основицата; задолжително здравствено осигурување – ФЗОМ, во износ од 7,5 % од основицата; дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда на работа и професионално заболување, во износ од 0,5 % од основицата и задолжителен придонес за осигурување во случај на невработеност – АВРМ, во износ од 1,2 % од основицата.

Основица за пресметка на придонесите за задолжително социјално осигурување е платата во вкупен износ (плата, надоместоци на плата и исплата по основ на деловна успешност на работодавачот). Откако ќе се исплатат придонесите за задолжително социјално осигурување и откако ќе се пресмета личното ослободување утврдено во месечниот износ согласно даночните прописи, се добива основицата за пресметка на данокот на доход од работа во износ од 10 %.

Сумарно, бруто-платата се состои од три дела, и тоа: дел од платата што отпаѓа на плаќање придонеси за задолжително социјално осигурување (28,00 %); дел од платата што отпаѓа на плаќање данок на доход од работа (10 %) и остаток од платата што му се исплаќа на работникот (нето-плата).

Нето-плата

Нето-платата може да се изведе од бруто-платата. Нето-плата претставува плата во вкупен износ, намалена за вкупниот износ на придонесите за задолжително социјално осигурување и за износот на персоналниот данок на доход.

Во практиката, нето-платата би значела вкупен збир од сите парични побарувања што ги има или со кои се стекнал работникот во одреден исплатен период како резултат на неговиот вложен труд, односно извршената работа, а кои се составен дел од платата на работникот, и тука спаѓаат: основната плата, работната успешност (доколку е остварена), додатоците на плата (доколку се остварени), надоместокот на плата (доколку постоел), останатите материјални надоместоци на трошоците поврзани со работењето на работникот и слично.

Задржувања и порамнувања на исплаќањето на платата

Задржувањата и порамнувањата на исплаќањето на платата може да се определат како одредени одбивања од платата на работникот што ги врши работодавачот во согласност со закон. Тука не станува збор за одбивања од типот на придонеси или даноци, туку за одредени обврски на работникот што, пред сè, имаат должничко-доверителски карактер.

Работодавачот може да го задржи исплаќањето на платата на работникот само во законски определени случаи (на пример, доколку платата на работникот е предмет на извршување кај извршител врз основа на извршна исправа, но најмногу до 1/3 од платата или, пак, во случај кога работникот доброволно го овластил работодавачот да му задржи дел од платата поради уплата на рата од кредит, синдикална членарина или слично).

Од друга страна, работодавачот не смее да ги порамни своите побарувања кон работникот преку неговата обврска за исплаќање плата. Побарувањата на работодавачот во однос на работникот (на пример, поради штета што ја сторил работникот на работа или во врска со работата) не смее да бидат порамнети од платата на работникот. Ваквото порамнување е можно единствено доколку работникот дал писмена согласност за тоа.

Share

Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот

partners1

Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Share