Одмор

Мој труд.
Мои права.

Одмор

Одморите претставуваат прекин на физичките и интелектуалните (работните) активности на работниците, и тие се насочени кон обновување на работните способности на работникот. Одморите го опфаќаат секој период што не е работно време. Работникот има неотуѓиво право на: пауза, дневен, неделен и годишен одмор.

Паузата за работниците што работат шест часа и подолго од шест часа е во траење од 30 минути. Законот за работните односи го предвидува и распоредувањето на паузата што може да се одреди по два часа работа и најдоцна три часа пред крајот на работното време. Времето на паузата во текот на работниот ден се засметува во работното време и за тоа се исплаќа плата. Тоа значи дека паузата е составен дел од работното време и придонесува за намалување на ефективните работни часови. Работниците што работат со пократко работно време, но најмалку четири часа дневно, имаат право на пауза во траење од 15 минути.

Дневниот одмор изнесува најмалку 12 часа непрекинато помеѓу два последователни работни дена во текот на 24 часа. Минималниот дневен одмор од 12 часа ја поставува и границата за максималното можно траење на работниот ден (најмногу 12 часа).

Неделниот одмор на работникот е во траење од најмалку 24 часа непрекинато, на што се надоврзува и дневниот одмор во траење од 12 часа. Тоа значи дека работникот има право на целосен неделен одмор, на што се додава и дневниот одмор што произлегува од претходниот работен ден (на пример, 12 часа одмор во сабота + 24 часа одмор во недела).

Законот за работните односи ја утврдува неделата како ден за неделен одмор, но притоа допушта утврдување на неделниот одмор и во друг ден од неделата. Работата и работно-производствениот циклус честопати имаат потреба од ангажирање на работниците и во недела, односно во други денови предвидени за неделен одмор. Во таков случај, работниците имаат право на додаток на плата за работа во ден на неделен одмор, кој поблиску се уредува со колективен договор.

Законот за работните односи го гарантира правото на платен годишен одмор, кој изнесува најмалку 20 работни дена. Годишниот одмор може да се продолжи со колективен договор или со договор за вработување, но најмногу до 26 работни дена, со исклучок на определени категории лица што имаат право на зголемен годишен одмор (повозрасните работници, инвалидите, работниците со најмалку 60 % телесно оштетување и работниците што негуваат и чуваат деца со телесен или душевен недостаток имаат право на уште три работни дена годишен одмор).

Критериумите врз основа на кои се определува времетраењето на годишниот одмор на работниците се утврдуваат со колективен договор и со договор за вработување. Меѓу нив спаѓаат: времето поминато во работен однос, условите за работа и други критериуми утврдени со колективен договор. Како денови на годишен одмор не се пресметуваат празниците, саботите и неделите и слободните денови, отсуствата поради боледување, како и другите случаи на оправдано отсуство од работа.

Стекнувањето на правото на годишен одмор произлегува од времетраењето на работата на работникот кај работодавачот. Работникот што првпат заснова работен однос се стекнува со правото на цел годишен одмор кога ќе оствари непрекината работа од најмалку шест месеци кај ист работодавач, без оглед на тоа дали работникот работи со полно работно време или со пократко време од полното. Во рамките на категоријата „непрекината работа од најмалку шест месеци кај ист работодавач“ спаѓаат и платените отсуства од работа, како што се: отсуства поради боледување, празници, слободни денови и останати случаи на оправдано отсуство во согласност со закон или со колективен договор. Покрај правото на целосен годишен одмор, во определени случаи, работниците имаат право на користење и т.н. пропорционален дел од годишниот одмор. Пропорционалниот дел од годишниот одмор претставува право на работникот што може да се реализира доколку се исполнети две претпоставки. Првата претпоставка е работникот да не се стекнал со правото на целосен годишен одмор во календарската година во која го засновал работниот однос. Втората претпоставка е работниот однос на работникот да престанал пред изминувањето на рокот од шест месеци, по кој би се здобил со право на целосен годишен одмор. Пропорционалниот дел од годишниот одмор изнесува по два дена за секој месец работа.

Правото на годишен одмор претставува неотуѓиво право на работникот. Работникот не може да се откаже од правото на одмор и ништовна е каква било спогодба со која работникот се откажува од правото на годишен одмор. Работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор (парична компензација) само во услови на престанок на работниот однос. Во определувањето на годишниот одмор, работодавачот ги зема предвид потребите на работниот процес, како и можностите за одмор и рекреација на работникот, водејќи сметка за неговите семејни обврски. Покрај доминантната положба на работодавачот во утврдувањето на периодот за користење на годишниот одмор, работникот има право на користење два дена од годишниот одмор во денови што самиот ќе ги определи, освен доколку тоа посериозно не го загрозува работниот процес. Во тој случај, работникот мора да го извести работодавачот најдоцна три дена пред користењето на слободниот ден.

Годишниот одмор, по правило, се користи во текот на календарската година. Законот утврдува можност од користење на годишниот одмор во повеќе делови. Притоа, задолжителното траење на еден дел од годишниот одмор изнесува најмалку две непрекинати работни недели. До крајот на календарската година, работодавачот е должен да му обезбеди на работникот искористување 12 работни дена годишен одмор, а работникот може да го искористи остатокот до 30 јуни идната година.

Share

Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот

partners1

Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Share