Мобинг

Мој труд.
Мои права.

Мобинг

Забранет е секаков вид психичко вознемирување на работното место (мобинг).

Психичко вознемирување на работното место (мобинг) претставува дискриминација во смисла на членот 6 од законот за работни односи (ЗРО).

Психичко вознемирување на работното место (мобинг), во смисла на ЗРО, е секое негативно однесување од поединец или од група што често се повторува (најмалку во период од шест месеци), а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработените лица и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место.
Извршител на психичко вознемирување на работното место (мобинг) може да бидат едно или повеќе лица со негативно однесување, без оглед на нивното својство (работодавач како физичко лице, одговорно лице или работник).

Товар на докажување во случај на спор

Во случај на спор, кога е постапено спротивно на членот 9-а од ЗРО (психичко вознемирување на работното место ‒ мобинг), товарот на докажувањето паѓа на поединец или на група против кои е поведен спор за вршење психичко вознемирување (мобинг) на работното место, освен ако докажат дека различниот третман е направен поради исклучоците од членот 8 на ЗРО.
Поради поведување постапка за правна заштита од психичко вознемирување на работното место (мобинг), како и сведочење во текот на постапката, на вработеното лице не може на посреден или непосреден начин да му се влошат условите за работа, односно не може да биде ставен во неповолна положба, особено со намалување на заработувачката, со преместување на друго работно место или со спречување напредување или стручно усовршување.

Забранет е кој било вид вознемирување на работното место, како и злоупотреба на правата на вознемирување на работното место.

Психичко вознемирување на работното место, во смисла на овој закон, е секое негативно однесување на поединец или на група што се повторува, континуирано и систематски. Тоа претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

Полово вознемирување, во смисла на овој закон, е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост.
Однесувањето се смета за психичко, односно полово вознемирување на работното место доколку не престанало и по писменото предупредување од страна на вознемируваното лице дека му пречи однесувањето на вршителот на вознемирувањето и дека ќе го смета за вознемирување на работното место.

Вршител на вознемирување на работното место

Вршител на вознемирување на работното место може да бидат едно или повеќе лица со негативно однесување, без оглед на нивното својство ‒ работодавач во својство на физичко лице, одговорно лице кај работодавач ‒ правно лице, вработен или група вработени кај работодавач или трето лице со кое вработениот или работодавачот доаѓа во контакт при извршувањето на работите на работното место.

Однесувања и активности што не се сметаат за вознемирување на работно место се:

  1. Поединечните акти донесени од страна на работодавачот со кои се одлучува за права, обврски и одговорности од работен однос, против кои вработениот има право на заштита во постапка утврдена со закон;
  2. Лишување и оневозможување остварување и користење права утврдени со закон, колективен договор и договор за вработување, чија заштита се остварува во постапка кај работодавачот и пред надлежен суд;
  3. Секое неоправдано правење разлика при нееднакво постапување кон вработениот по кој било основ на дискриминација, кое е забрането и во врска со кое се обезбедува заштита, согласно закон, и
  4. Повремени разлики во мислењата во врска со прашања и проблеми поврзани со вршењето на работите и работните задачи, освен ако нивната цел не е да го повредат или намерно да го навредат вработениот.

Работодавачот е должен:

  • на вработениот да му обезбеди работа на работното место во здрава работна средина под услови со кои се обезбедува почитување на неговото достоинство, интегритетот и здравјето;
  • да го запознае вработениот со мерките и со постапката во врска со заштитата од вознемирување на работното место и со правата, обврските и одговорностите на работодавачот и работникот при самото вработување и во текот на работењето.

Доколку однесувањето на работникот е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел решавање на спорната состојба, односно случај без поведување постапка за заштита од вознемирување на работното место, работодавачот е должен да го предупреди вработениот дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување не престане веднаш.

Вработените и лицата ангажирани со договор, кои учествуваат во работата кај работодавачот, имаат право на заштита од вознемирување на работното место и се должни да го информираат работодавачот ако забележат постоење вознемирување на работното место.

Вработениот и лицето ангажирано со договор, кое учествува во работата кај работодавачот, кога ќе дознае за однесување за кое оправдано смета дека претставува вознемирување на работното место, има право да поведе постапка за заштита од вознемирување на работното место согласно овој закон.

Злоупотреба на правата на вознемирување на работното место врши вработен што знаел или морал да знае дека не постојат причини за поведување постапка за заштита од вознемирување на работното место, а повел или иницирал поведување ваква постапка со цел, за себе или за друг, да прибави материјална или нематеријална корист или да нанесе штета на трето лице.

Определување посредник

Посредникот е неутрално лице што посредува меѓу страните со цел решавање на нивниот спорен однос.
Посредникот се избира од редот на списокот посредници што ги определува работодавачот од редот на вработените.
Работодавачот кај кого се вработени 50 или повеќе вработени е должен да состави список на посредници што ќе посредуваат меѓу страните во случај на вознемирување на работното место.
Кај работодавач што има помалку од 50 вработени, посредникот спогодбено го определуваат вработениот што е изложен на вознемирување на работно место, вршителот на вознемирувањето и вработениот што ќе го определи работодавачот.
Во случај кога работодавачот како физичко лице се товари за вознемирување на работното место, вработениот што е изложен на вознемирување може да поведе судска постапка за заштита од вознемирување на работното место пред надлежен суд.

Одговорност за штета

За штетата што како последица на вознемирување на работното место му е предизвикана на вработен кај работодавачот од страна на одговорно лице кај работодавачот ‒ правно лице, работодавач ‒ физичко лице, вработен или група вработени или трето лице со кое вработениот или работодавачот доаѓа во контакт при извршувањето на работите на работно место, одговара секое од овие лица поединечно.

Предупредување
Вработениот или лицето ангажирано со договор кај работодавачот, кое смета дека е изложено на вознемирување на работното место, треба писмено да се обрати до лицето за кое смета дека го вознемирува и да му укаже на тоа дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел решавање на спорната состојба, односно случај без поведување постапка за заштита од вознемирување на работното место и со цел да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување не престане веднаш.

Писмено барање 
Вработениот или лицето ангажирано со договор кај работодавачот, кое смета дека е изложено на вознемирување, пред поднесувањето тужба пред надлежен суд поднесува писмено барање за заштита од вознемирување на работното место до работодавачот. Барање може да поднесе и претставник на синдикатот, лице надлежно за работите за безбедност и здравје при работа или за управување човечки ресурси и претставник на вработените, по писмена согласност на вработениот што смета дека е изложен на вознемирување на работното место.

Вработениот, кој смета дека е изложен на вознемирување од страна на работоводен орган во правното лице или физичко лице како работодавач, може да поднесе тужба пред надлежниот суд по претходното писмено предупредување до вршителот на вознемирувањето, без претходна постапка за заштита од вознемирување на работното место кај работодавачот.

Содржина на барањето
Барањето содржи:

  • податоци за подносителот на барањето,
  • податоци за вработениот што смета дека е изложен на вознемирување на работното место, ако не е подносител на барањето,
  • податоци за вработениот што се смета дека врши вознемирување,
  • краток опис на однесувањето за кое оправдано се смета дека претставува вознемирување на работното место,
  • траење и зачестеност на однесувањата што се сметаат за вознемирување на работното место, како и датумот кога последен пат е извршено тоа однесување (наведување факти и докази).

 

Рок за поднесување барање
Барањето може да се поднесе најдоцна во рок од шест месеци од денот кога последен пат е извршено однесувањето што претставува вознемирување на работното место.
Со истекот на овој рок, правото за поведување постапка за заштита од вознемирување на работното место застарува.

Избирање посредник
Работодавачот, односно одговорното лице кај работодавачот е должно веднаш, а најдоцна во рок од осум дена од денот на приемот на барањето за заштита од вознемирување на работното место, на страните да им предложи посредување како начин на разрешување на спорниот однос и да им предложи да изберат лице од списокот на посредници.
Ако страните и работодавачот не можат да се спогодат за изборот на посредник, работодавачот е должен во рок од осум дена, сметано од истекот на рокот од член 22 ставот (1), на подносителот на барањето и на вработениот што смета дека е изложен на вознемирување на работното место, а не е подносител на барањето, да му достави писмено известување дека не е избран посредник.
Од денот на доставувањето или недоставувањето на известувањето во рокот определен со закон започнува да тече рокот од 15 дена за поднесување тужба до надлежниот суд за заштита од вознемирување на работното место.

Спроведување постапка за посредување

Постапката за посредување кај работодавачот е итна.
Посредникот е должен да постапува независно и непристрасно на тој начин што ќе им помогне на страните да постигнат спогодба.
Во постапката за посредување, на барање на страните, може да учествува и претставник на синдикатот во кој членува вработениот, односно претставник на вработените.
Постапката за посредување е затворена за јавноста.
Постапката за посредување, посредникот треба да ја заврши во рок од 15 дена.

Успешно посредување – потпишана спогодба 
Ако постапката за посредување е успешна, односно ако страните се спогодиле, посредникот во рок од три дена од денот на завршувањето на постапката за посредување изготвува спогодба што содржи препораки за вршителот на вознемирувањето на работното место и за работодавачот, за престанокот на вознемирувањето и за начинот на отстранување на можностите за продолжување на вознемирувањето на работното место, за преместувањето на вработениот во друга работна просторија, односно на друга локација.
Спогодбата ја потпишуваат двете страни и посредникот.
Работодавачот е должен да постапи според препораките содржани во спогодбата.

Неуспешно посредување – не е постигната спогодба 
Ако страните во постапката за посредување не постигнат спогодба за престанување на вознемирувањето на работното место, посредникот е должен во рок од три дена од завршувањето на постапката за посредување да изготви писмено известување дека не е постигната спогодба, односно дека посредувањето е неуспешно.
Писменото известување за неуспешно посредување се доставува до двете страни и до работодавачот.

Запирање на постапката
Ако во текот на постапката за посредување страните со писмена изјава се откажат од натамошното водење на постапката, посредникот е должен во рок од три дена од добивањето на изјавите да донесе заклучок за запирање на постапката.
Заклучокот го доставува посредникот до двете страни и до работодавачот.

Спречување вознемирување на работното место до завршувањето на постапката
Ако на вработениот што смета дека е изложен на вознемирување на работното место, според мислењето на овластена здравствена установа што врши дејност медицина на трудот, му е нарушена здравствената состојба поради вознемирувањето на работното место, работодавачот е должен до завршувањето на постапката за заштита од вознемирување на работното место привремено да го премести вработениот во друга работна просторија, односно работна средина.

Мерки за утврдување одговорност на вработениот
Работодавачот може на вработен што врши вознемирување на работното место или злоупотреба на правото за заштита од вознемирување на работното место да му изрече една од мерките за непочитување на работниот ред и дисциплина, односно за повреда на работните обврски согласно закон.
Ако вработениот на кого поради вршење вознемирување на работното место му била изречена мерката за непочитување на работниот ред и дисциплина, односно за повреда на работните обврски согласно закон, во рок од шест месеци повторно изврши вознемирување, работодавачот може да му го откаже договорот за вработување, односно да му изрече мерка престанок на работниот однос согласно закон.

Заштита на учесниците во постапката
Поведувањето постапка за заштита од вознемирување на работното место, како и учеството во таа постапка како сведок не може да бидат основ за ставање на вработениот во понеповолна положба во поглед на остварувањето на правата и обврските од работен однос, поведување постапка за утврдување дисциплинска, материјална и друга одговорност на вработениот, откажување на договорот за вработување, односно престанок на работниот однос на вработениот од деловни причини, во рок од две години од денот кога е поведена постапка за заштита од вознемирување или од денот кога учествувал како сведок во постапка за заштита од вознемирување на работното место.

Тужба
Вработениот, кој смета дека е изложен на вознемирување на работното место, а кој не е задоволен од исходот на постапката за заштита од вознемирување на работното место кај работодавачот, може да поднесе тужба до надлежниот суд.
Споровите поведени согласно овој закон имаат карактер на работни спорови и во постапката се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка.

Вработениот, кој смета дека е изложен на вознемирување на работното место, со тужбата може да бара:

  • утврдување дека претрпел вознемирување на работното место,
  • забрана за вршење однесувања што претставуваат вознемирување на работното место, односно забрана за повторување вознемирување на работното место,
  • преземање дејства поради отстранување последици од вознемирување на работното место и
  • надоместок на материјална и нематеријална штета причинета со вознемирувањето на работното место.

Товар на докажување
Ако во текот на постапката тужителот го стори веројатно постоењето на вознемирувањето на работното место, товарот на докажувањето дека немало конкретно однесување што претставува вознемирување на работното место е на тужениот.

Привремени мерки
Пред започнувањето или во текот на постапката, судот може на предлог на странката да одреди привремени мерки поради спречување насилничко однесување или поради отстранување ненадоместлива штета.

Во привремени мерки спаѓаат:

  • забрана за приближување до работното место на вработениот и
  • забрана за телефонирање и комуницирање (вербално или електронски).

Инспекциски надзор
Инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон врши органот на државната управа што е надлежен за работите на инспекцијата на трудот.

Share

Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот

partners1

Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Share

Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот

partners1

Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.