Синдикално организирање
Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која тие доброволно се здружуваат поради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси.
Согласно Законот за работните односи (ЗРО), работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат без какво било претходно одобрување и да се зачленуваат во него под условите пропишани со статутот или со правилата на тој синдикат.
Синдикален претставник
Зошто работниците треба да се здружуваат во синдикати?
Поради остварувањето на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати и да се зачленат во синдикат по сопствен избор.
Работникот не е моќен сам да преговара за поголеми права. Мал број работници се информирани за своите права од работниот однос, што е главната причина зошто тие не знаат ниту да си побараат некое право ниту, пак, знаат како да се заштитат. Оттука произлегува и потребата за здружување во синдикат.
Работниците што се членови во синдикат имаат можност да ги добијат сите потребни информации од стручните служби на синдикатите и уживаат соодветна заштита во поглед на заштитата на правата од работниот однос.
На своите членови, синдикатот им обезбедува бесплатна правна помош и совети при остварувањето на правата од работниот однос, организира и едукативни семинари, работилници и обуки за јакнење на своите капацитети и подигнување на свеста кај своето членство.
Синдикатот бара на сите работници да им биде обезбедена достоинствена работа, да бидат уредно пријавени, да примаат редовна плата, исплата на надоместок за прекувремена и ноќна работа, целосно искористување на правото на годишен одмор согласно закон, плаќање на придонесите од плата.
Синдикатот е единствен што се залага за почитување на човековите права и слободи, за правна држава, демократија и слободен пазар, и води вечна борба против кршењето на работничките права.
Исто така, синдикатот се бори за почитување на личноста и интегритетот на секој работник, се бори против злоупотреба на работничкиот труд, против работа на црно, корупција, дискриминација и вршење мобинг врз работниците.
Само здружени во синдикат, работниците имаат право на колективно преговарање за регулирање на условите за вработување, работа, како и на другите права од работниот однос; како и право на штрајк и на преземање на сите форми на синдикални акции.
Нивоа на колективно договарање и видови колективни договори
Колективното договарање во Република Северна Македонија се одвива на три нивоа: на ниво на Република, при што се склучува Општ колективен договор; на ниво на гранка, односно оддел, при што се склучува Посебен колективен договор и на ниво на работодавач, при што се склучува Поединечен колективен договор.
Општ колективен договор
Општиот колективен договор се склучува за приватниот сектор во областа на стопанството и за јавниот сектор.
Карактеристика на Општиот колективен договор е тоа што се применува непосредно и е задолжителен за сите работодавачи и вработени во приватниот и во јавниот сектор. Постојат два Општи колективни договори: Општ колективен договор за приватниот сектор во стопанството, потпишан помеѓу ССМ и ОРМ, и Општ колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија потпишан помеѓу КСС и Владата на Република Македонија.
Посебен колективен договор
Посебниот колективен договор (колективниот договор на ниво на гранка, односно оддел) нема непосредна и задолжителна примена за сите работодавачи и вработени во приватниот и во јавниот сектор. Посебниот колективен договор се однесува на членовите на здруженијата (Синдикатите и Здруженијата на работодавачи) што го потпишале колективниот договор и на лицата што дополнително му пристапиле или станале членови на здруженија што пристапиле на колективниот договор.
Во Република Македонија, во моментов, постојат околу 20 важечки Посебни колективни договори. Најголем дел од важечките Посебни колективни договори се склучени во приватниот сектор во областа на стопанството и нивни потписници се гранковите синдикати на ССМ и здруженијата на работодавачи во состав на ОРМ.
На пример: Колективен договор за текстилната индустрија во Република Македонија (склучен помеѓу Синдикатот на работниците во текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ и Здружението за текстилна индустрија на РМ); Колективен договор за вработените во тутунското стопанство (склучен помеѓу АГРО-синдикатот и Здружението за тутунско стопанство); Колективен договор за хемиска индустрија (склучен помеѓу СХНМ и Здружението на хемиската индустрија) и други. Посебни колективни договори се склучени и во јавниот сектор. Посебни колективни договори, каде што како страна на склучување се јавуваат гранкови синдикати во состав на ССМ, се: Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (склучен помеѓу МПС и Министерството за внатрешни работи); Колективниот договор за здравствената дејност на РМ (склучен помеѓу Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и Министерството за здравство на РМ) и други. Посебни колективни договори, каде што како страна на склучување се јавуваат гранкови синдикати во состав на КСС, се: Колективен договор за основното образование (склучен помеѓу СОНК и Министерството за образование на РМ); Колективен договор за средно образование (склучен помеѓу СОНК и Министерството за образование на РМ) и други.
Поединечен колективен договор
Поединечниот колективен договор склучен на ниво на работодавач се применува на сите вработени кај работодавачот, без оглед дали тие се или не се членови на синдикат или на синдикатот потписник на колективниот договор.
Страни на колективното договарање
Согласно Законот за работните односи, колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачи и репрезентативниот синдикат. Репрезентативноста на социјалните партнери во Република Северна Македонија се утврдува на повеќе нивоа. Таа може да се определи за: територијата на Република Северна Македонија – поради учество во трипартитни тела за социјално партнерство и трипартитни делегации на социјалните партнери; за јавниот сектор – поради учество во колективно договарање на ниво на јавен сектор; за приватниот сектор – поради учество во колективно договарање на ниво на приватен сектор од областа на стопанството; за гранка, односно оддел – поради учество во колективно договарање на ниво на гранка, односно оддел, и за работодавач – поради учество во колективно договарање на ниво на работодавач.
Предмет на колективното договарање
Со колективен договор се уредуваат правата и обврските на договорните страни што го склучиле тој договор, а колективниот договор може да содржи и правни правила со кои се уредуваат склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Всушност, со колективен договор може да се регулираат сите аспекти од работните односи (засновањето на работниот однос, правата и обврските од работен однос – условите за работа, престанокот на работниот однос). Најчесто, предмет на колективно договарање се условите за работа (платите, останатите материјални надоместоци, работното време, одморите, отсуствата и слично).
Однос помеѓу колективните договори и останатите правни извори
Во „хиерархиската скала“ на изворите на трудовото право, пониските извори не смеат да бидат во спротивност со повисоките. Тие смеат да предвидуваат повеќе и поголеми права за работниците, но забрането е да предвидуваат помалку и пониски права од правата што веќе им се загарантирани на работниците со непосредно повисокиот правен извор. Истиот однос се воспоставува и помеѓу различните видови колективни договори меѓу себе. Идентична симетрија би требало да се воспостави и помеѓу колективните договори и (индивидуалните) договори за вработување со кои се заснова конкретен работен однос со поединечен работник.
Доколку постои случај во кој одредени права што се уредени со понизок извор (на пример: договор за вработување или колективен договор) се помали, односно во спротивност со идентичните права што се уредени со повисок извор (на пример: повисок колективен договор или закон), тогаш таквите права се неважечки и се применуваат правата што се пропишани во непосредно повисокиот извор.
Правото на штрајк е право што е гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија. Согласно Уставот, со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.
Главен правен извор со кој се регулира правото на штрајк е Законот за работните односи. Покрај ЗРО, остварувањето на правото на штрајк се уредува и со други посебни закони (Законот за мирно решавање на работните спорови, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за установите, Законот за јавните претпријатија, Законот за здравствената заштита, Законот за основното образование, Законот за средното образование и др.), како и со колективни договори.
Субјекти на штрајкот
Субјектите на штрајкот може да бидат активни и пасивни. Активен субјект е страната што го организира и го поведува штрајкот. Согласно Законот за работните односи, право да повика на штрајк имаат синдикатот и неговите здруженија на повисоко ниво. Штрајкот организиран и поведен од група синдикално неорганизирани работници ќе се смета за незаконски штрајк. Пасивен субјект е страната против која е насочен штрајкот, а тоа е работодавачот, односно здружението на работодавачи на повисоко ниво. Штрајкот не мора секогаш да биде насочен кон основниот работодавач (работодавачот кај кого настанале причините за организирање штрајк), туку и кон спореден работодавач (работодавачот кај кого настанал штрајк во поддршка на примарниот штрајк). Во оваа ситуација, станува збор за т.н. штрајк на солидарност. Во секој случај, штрајкот мора писмено да се најави кај работодавачот, односно кај здружението на работодавачите против кои е насочен, а штрајкот на солидарноста кај работодавачот, кај кого се организира тој штрајк.
Причини (правни основи) за организирање штрајк
Штрајкот претставува еден од механизмите на решавање на колективните работни спорови. Колективниот работен спор е спорот што настанува помеѓу синдикатот (или неговите здруженија на повисоко ниво) и работодавачот (или неговите здруженија на повисоко ниво) во врска со склучувањето, измената или дополнувањето на колективниот договор (т.н. интересен колективен работен спор), односно во врска со толкувањето и примената на колективниот договор (т.н. правен колективен работен спор). Правото на штрајк во РСМ може да се применува во случаите на интересен, но и во случаите на правен колективен работен спор.
Услови и постапка за организирање штрајк
Постојат повеќе услови што му претходат на стапувањето на работниците во штрајк. Такви се: писмената најава на штрајкот, Правилата за работите што не смее да се прекинат за време на штрајкот и постапката на помирување. Сите претходно наведени дејства укажуваат дека правото на штрајк претставува право што се употребува како последна мерка доколку страните на спорот не успеат претходно да ги разрешат спорните прашања.
Законот за работните односи не го уредува иницијалниот дел од постапката за организирање штрајк во кој се вклучени одлуката за стапување во штрајк и начинот на произнесување за штрајкот од страна на членовите на синдикатот. Овие прашања вообичаено се предмет на уредување со внатрешните акти (Правилата за штрајк) на синдикатот, но тие немаат влијание врз законитоста, односно врз незаконитоста на штрајкот.
Писмена најава на штрајкот
Штрајкот мора писмено да се најави кај работодавачот, односно кај здружението на работодавачите против кои е насочен, а штрајкот на солидарност кај работодавачот, кај кого се организира тој штрајк. Писмената најава на штрајкот претставува задолжителна обврска за синдикатот чие непочитување доведува до незаконитост на штрајкот. Суштински елементи што треба да ги содржи секое писмо за најава на штрајк се: причините за штрајкот, местото на одржување на штрајкот и денот и времето на почетокот на штрајкот.
Правила за работите што не смее да се прекинат за време на штрајк
Во периодот додека трае штрајкот не смее да се прекинуваат производно одржувачките и нужните работи. Производно одржувачки работи се работите на кои мора да работат работниците за време на штрајк, со цел да се овозможи обновување на работата по завршувањето на штрајкот. Нужни работи се работите што се неопходно потребни со цел спречување загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните. Со Правилата за работите што не смее да се прекинат за време на штрајк се утврдуваат одредби за работите и бројот на работниците што на нив мора да работат за време на штрајк. Согласно ЗРО, Правилата за работите што не смее да се прекинат за време на штрајк се носат на предлог на работодавачот, но во спогодба со синдикатот. Ако синдикатот и работодавачот не се спогодат во рок од 15 дена од денот на доставувањето на предлогот на работодавачот до синдикатот за определувањето на работите што не смее да се прекинат за време на штрајк, работодавачот или синдикатот може во рок од наредните 15 дена да бараат да одлучи арбитража за тие работи.
Постапка за помирување
Обврската за спроведување постапка за помирување пред поведување штрајк претставува задолжителна законска обврска на која се подложни страните во колективниот работен спор. Согласно ЗРО, штрајкот не смее да започне пред завршувањето на постапката за помирување. Обврската за помирување не смее да го ограничи правото на штрајкот кога таквата постапка е предвидена со овој закон, односно пред поведувањето друга постапка за мирно решавање на спорот за која се договориле страните.
Во случај на штрајк или спор во дејностите од општ интерес или во дејностите во кои прекинот на работата би можел да го загрози животот или здравјето на луѓето или да нанесе штета од поголеми размери, страните во спорот се должни веднаш да пристапат кон мирно решавање на колективниот спор. Постапката за мирно решавање на колективниот спор завршува во рок од десет дена од поднесувањето на предлогот за мирно решавање на спорот.
Одговорност за организирање или учество во незаконски штрајк
Законот за работните односи утврдува дека организирањето или учеството во штрајк во согласност со одредбите на овој закон и колективен договор не претставува повреда на договорот за вработување. Сепак, организирањето и учеството во штрајк, кој е поведен спротивно на закон (незаконски штрајк), предизвикуваат одговорност за организаторот (синдикатот), но и за учесниците во штрајкот (работниците).
Во случај кога станува збор за незаконски штрајк, работодавачот или здружението на работодавачи може да бара забрана за организирање и спроведување на штрајкот од надлежниот суд. Истовремено, работодавачот може да бара и надоместок на штета што ја претрпел поради штрајкот, кој не е организиран во согласност со закон. Одлуката за забрана на штрајкот ја донесува надлежниот суд за работни спорови во прв степен, и тоа во постапка што е итна. Организирањето или учеството во незаконит штрајк може да значи и откажување на договорот за вработување на работникот, односно престанок на неговиот работен однос. Доколку работникот за време на штрајкот направил некоја друга тешка повреда на договорот за вработување, согласно ЗРО, може да добие отказ.
Права на работниците за време на штрајк
Во услови на штрајк се смета дека договорите за вработување на работниците се суспендирани. Една од суштинските промени поврзана со правата од работен однос претставува скратувањето на правото на плата. ЗРО утврдува дека на работниците што се учесници во штрајк, за време на учество во штрајкот, работодавачот е должен да им уплатува придонеси од плата утврдени со посебните прописи на најниската основица за плаќање на придонесите. Останатиот дел од основната нето-плата на работникот може да биде надополнета на два начина. Првиот начин, пропишан со ЗРО, упатува на можноста од обезбедување надоместок на нето-плата од страна на организаторот на штрајкот, најчесто во согласност со правилата на солидарните фондови на синдикатот, доколку постојат такви. Вториот начин, вообичаено, произлегува од колективните договори. Така, според Општиот колективен договор за приватниот сектор во областа на стопанството за време на штрајк што е организиран поради повредени права на работниците уредени со закон, колективен договор и договорот за вработување, работодавачот на работникот му исплатува надоместок на плата во висина од 60 % од основната плата на работникот за време од 5 работни дена. Надоместокот на плата се исплаќа само доколку причините за организирање на штрајкот се: три неисплатени плати; неплатени придонеси и надоместоци; непотпишување колективен договор и необезбедени услови за работа. Работникот ќе се стекне со право на надоместок на плата само во случај ако легитимноста на штрајкот е во согласност со актот на соодветниот синдикат, односно ако добие легитимност од соодветниот синдикат.
Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот
Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот
Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.