Законот за работните односи на Република Северна Македонија содржи повеќе одредби со кои на систематски начин се уредува заштитата од дискриминација на работниците (т. е. на кандидатите за вработување и на вработените). Дискриминацијата се определува како „ставање во нееднаква положба“ на кандидатите за вработување или на работниците, а работодавачите имаат забрана да вршат дискриминација врз повеќе дискриминациски основи, како што се: расното или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидноста, религиозното, политичкото или друго убедување, членувањето во синдикатите, националното или социјално потекло, статусот на семејството, имотната состојба, половата насоченост или други лични околности. Законот ги забранува и сите облици на дискриминација на работничката по основ на „бременоста, раѓањето и родителството на работничката“, без оглед на времетраењето на договорот за вработување (определено или неопределено време).
Дискриминацијата е забранета во сите фази од работниот однос: засновањето на работниот однос (објавувањето на јавниот оглас, утврдувањето на условите за вработување, селекцијата на кандидатот за вработување), траењето на работниот однос (остварувањето на различните права и обврски) и престанокот на работниот однос.
На жените и на мажите мора да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во работниот однос.
Во случаите на дискриминација, кандидатот за вработување или работникот има право да бара надоместок на штета согласно Законот за облигационите односи. Товарот на докажување во случај на спор паѓа на работодавачот.
Законот за работните односи ја уредува заштитата на работниците од неколку различни видови дискриминација, како што се: директната дискриминација, индиректната дискриминација, вознемирувањето, половото вознемирување и психичкото вознемирување (мобинг).
Директната дискриминација се дефинира како секое постапување условувано со некои од дискриминациските основи со кое лицето било ставено, се става или би можело да биде ставено во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи. Директната дискриминација во себе опфаќа три составни елементи што се меѓусебно поврзани. Тоа се: прво, спрема работникот треба да биде постапувано понеповолно во споредба со друго лице што е во слична ситуација; второ, треба да постои одреден дискриминациски основ и, трето, треба да постои причинско-последователна поврзаност помеѓу дискриминацискиот основ и понеповолното постапување спрема работникот.
Индиректната дискриминација постои кога определена навидум неутрална одредба, критериум или практика го става или би го ставила во понеповолна положба во однос на другите лица кандидатот за вработување или работникот поради определено својство, статус, определување или уверување (дискриминациски основ). Индиректната дискриминација, слично како и директната, се состои од три конститутивни елементи.
Тоа се: прво, постоење навидум неутрална одредба, критериум или практика (која можеби законски не е забранета, но во суштина има дискриминирачки последици за одредена група лица); второ, таа има диспропорционално негативен ефект врз определена група лица што се подведуваат под ист дискриминациски основ и, трето, постои споредба со други лица во слична ситуација што не се подведени под споменатиот дискриминациски основ.
Законот за работните односи предвидува исклучоци од забраната за дискриминација. Исклучоците од забраната за дискриминација се дефинираат како правење разлика, исклучување или давање предимство во однос на определена работа, кога природата на работата е таква или работата се врши во такви услови што карактеристиките поврзани со личните карактеристики (дискриминациските основи) на работниците претставуваат вистински и одлучувачки услов за вршење на работата, под услов целта што се сака да се постигне да биде оправдана и условот да биде одмерен. Всушност, исклучоците од дискриминацијата претпоставуваат постоење „пропорционалност“ помеѓу поставеното барање (правењето разлика, исклучувањето или давањето предимство) и целта што се сака да се постигне со таквото барање.
Како исклучоци од забраната за дискриминација ќе се сметаат и сите мерки предвидени со Законот за работните односи или со друг закон, колективен договор или договор за вработување, а кои се однесуваат на посебната заштита и помош на определена категорија работници (работници што сè уште не навршиле 18-годишна возраст, инвалиди, постари работници, бремени жени и жени што користат некое од правата за заштита на мајчинството и слично).
Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот
Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.
Кампањата работнички права ја реализира
Економско-социјалниот совет co поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог
Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот
Содржината е единствена одговорност на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог,
и не ги одразува ставовите на Европската Унија.